Прашања и одговори – финансиски лизинг
Што подразбира финансискиот лизинг?
Финансискиот лизинг е вид на финансирање кој подразбира постоење на три страни: корисник на лизинг, давател на лизинг и испорачател. Тоа претставува модерен начин на финансирање и пред се е наменет за клиентите кои по истек на договорот сакаат да го откупат возилото. Овој вид на лизинг е исто така погоден и за фирмите кои сакаат да го амотризираат возилото во деловните книги, со оглед на тоа што истото се евидентира како финансиска сопственост на Корисникот на лизинг.
Која е разликата помеѓу финансирањето по пат на лизинг во однос на кредит?
За разлика од кредитот, по пат на финансиски лизинг се финансира конкретен предмет кој станува сопственост на корисникот на лизинг дури откако ќе биде исплатена последната рата. Кај договорот за финасирање преку кредит правен и економски сопственик на возилото е корисникот на кредит.
Која е разликата помеѓу финансискиот и оперативниот лизинг?
Основна разлика помеѓу финансискиот и оперативниот лизинг е во тоа што финансискиот лизинг претставува финансирање на купувањето (корисникот на лизинг станува сопственик на предметот на лизинг со исплата на последната лизинг рата), додека оперативниот лизинг (закупот) е замислен како користење на предметот на лизинг. Кај оперативниот лизинг возилото се дава на користење, што е многу слично на Rent-a-car. По завршувањето на периодот на закуп не доаѓа до промена на сопственоста, туку возилото се враќа на закуподавецот. Ова најмногу одговара на фирмите кои релативно често го менуваат возниот парк.
Што се може да биде предмет на финансирање и од каде може да се одбере предметот на лизинг?
ПОРШЕ ЛИЗИНГ ДООЕЛ финансира патнички и комерцијални возила од брендовите Volkswagen, Porsche, Audi i Skoda. Предметот на лизинг може да се одбере во салоните на нашите овластени Volkswagen, Audi i Skoda дилери.
Кој е минималниот рок на кој може да се склучи договорот за финансиски лизин?
Минимален рок на кој може да се склучи договорот за финансиски лизинг е две години.
Кој е максималниот период на лизинг?
Периодот на финансирање зависи од бонитетот на клиентот (способноста за плаќање), износот на финансирање и предметот на лизинг. Најдолгиот период на финансирање е 6 години.
Од што зависи брзината на реализација на финансискиот лизинг?
Брзината на реализација на финансискиот лизинг пред се зависи од тоа дали клиентот ја доставил комплетната документација која е потребна за добивање на финансиски лизинг. Од моментот на комплетирање на потребната документација до реализација на финансискиот лизинг се потребни 24 часа.
Кое е минималното учество?
Висината на учеството се одредува спрема бонитетот на клиентот и се движи во интервалот од 15% до 40%.
Има ли ограничување во однос на висината на ратата?
Во финансискиот лизинг ратата не треба да биде поголема од 40% од вкупните редовни приходи на тоа лице при што во предвид се земени и другите лизинг/кредитни обврски кои клиентот веќе ги има. Ограничувањето на висината на ратата кај правните лица се одредува според бонитетот на клиентот.
По кој курс се смета месечната рата?
За уплата на месечната рата се зема продажниот курс на Комерцијална банка АД Скопје на денот на изработка на повикот за плаќање. Повикот за плаќање на месечната рата се праќа на почетокот од месецот на адреса на корисникот на лизинг.
Дали лизинг ратите се фиксни или променливи
Ратите се со варијабилна каматна стапка за ЕУР и е врзана на EURIBIR. Во случај на пораст на EURIBOR –от, ќе дојде до промена на ратата.
Кои се инструменти за обезбедување на предметот на лизин?
За време на траење на договорот за лизинг, компанијата го задржува правото на сопственост над предметот што претставува главен инструмент за обезбедување. Со секој договор се потпишуваат и по две меници што претставува додатен инструмент за обезбедување .
Дали е потребен жирант?
Дали ќе биде потребен жирант или не зависи од бонитетот на клиентот. Доколку се процени дека клиентот без проблем може да ја плаќа месечната рата, жирант не е потребен.
Што е барање за финансирање?
Барањето за финансирање е формулар во кој клиентот ги внесува своите податоци (доколку е физичко лице) или податоците од фирмата(доколку е правно лице).
Да ли се одобрува финансирање на фирми кои работат помалку од една или една година?
Се одобрува, но во тој случај фирмата мора да има гарант.
Дали е релевантна пријавената плата на клиентот или онаа која реално ја прима?
За процена на бонитетот кај физичките лица се зема пријавената плата на која се плаќаат придонеси.
Колку време е потребно за одобрување на финансирањето?
Одобрувањето зависи од бонитот на клиентот. Просечно потребно време за одобрување (доколку клиентот доставил комплетна документација) е 24 часа, додека за целосна целосна обработка на податоците неопходно е 24 - 48 часа.
Дали странци можат да бидат Корисници на лизинг?
Не, лизингот во Р. Македонија се однесува на државјани на Р. Македонија.
Дали и под кои услови пензионер може на земе автомобил на лизинг?
Пензионерите можат да остварат право на земање на возило на лизинг само ако Договорот за лизинг/закуп завршува пред да навршат 65 години старост(притоа да биде исполнет основниот услов – максимално оптеретување на пензијата е 40%). Овие договори најчесто се реализираат преку обезбедување на кредитно способен жирант.
Дали е неопходно каско осигурување?
Да, каско осигурувањето е задолжително! Тоа е многу важен елемент во лизингот. Каско осигурувањето гарантира надомест на штета во случај на штетен настан во периодот на важност на договорот за лизинг.
Која е процедурата во случај на кражба на возилото?
Со оглед на тоа дека сопственици на Предметот на лизинг се лизинг компаниите се до отплата на последната рата од страна на Корисникот на лизинг, Предметот на лизинг мора да биде каско осигуран како еден вид на обезбедување на истиот. Во случај на кражба осигурителната куќа ја исплаќа премијата на давателот на лизинг затоа што во полисата како осигуреник се јавува лизинг компанијата.
Што се случува при тотална штета?
Во случај на штета полицијата врши увид, се прави записник, штетата се пријавува во осигурителната компанија, која потоа прави пресметка и таквата пресметана штета ја исплаќа на Давателот на лизинг (лизинг компанијата). Потоа Давателот на лизинг прави конечна пресметка и ја исплаќа разликата на клиентот т.е. на Корисникот на лизинг.
Кој го регистрира возилото?
Првата регистрација ја врши Давателот на лизинг. Пререгистрацијата ја врши самиот клиент со помош на Овластување за регистрација кое корисникот го добива од давателот на лизинг.
На кои таблици се регистрира возилото?
Кај финансискиот лизинг возилото може да се регистрира во Скопје или во некоја од подружниците на ПОРШЕ ЛИЗИНГ ДООЕЛ во Битола и Охрид.
Дали е можно предвремена отплата на предметот на лизинг во финансискиот лизинг?
Корисникот на лизинг може предвремено да го отплати предметот на лизинг по истекот на две години од датумот на склучување на договорот за лизинг.
Што се случува кога корисникот на лизинг не е во состојба да плаќа надомест?
Давателот на лизинг има право да го одземе предметот на лизинг со помош на судот, но и во убрзана процедура која е во согласност со Законот за лизинг. Корисникот на лизинг нема право на поврат на претходно уплатените рати по основ на договорот на лизинг, затоа што предметот на лизинг е користен и корисникот на лизинг остварил добивка преку користење на наведениот предмет.
Како се пренесува сопственоста на предметот на лизинг на корисникот на крајот од лизингот?
После плаќањето на откупната опција (во финансискиот лизинг тоа е последната рата) и проверка дали се подмирени сите обврски по конкретниот договор, се потпишува купопродажен договор со кој се пренесува правото на сопственост.
Дали може да се превземе договор за финансиски лизинг?
Договорот за финансиски лизинг може да се превземе единствено по истек на една година од датумот на склучување на договорот и под истите услови кои ги имал претходниот корисник на лизинг.